Мозочниот удар е водечка причина за инвалидитет во светот и втора причина за смртност. Она што е важно да се напомене е дека може да се јави во било која возраст, во секое време и секаде. Но, добрата вест е ако навреме се препознаат симтомите и веднаш се почне со лекување, може да се спречат последиците.
Мозочниот удар се јавува поради нарушувањe на циркулацијата во мозокот. Има два вида:
Исхемичен – кога артеријата е блокирана со згрутчување и крвта не може да стигне до делови во мозокот кои се наоѓаат позади блокадата.
Хеморагичен –предизвикан од руптура (кинење) на крвен сад со излевање на крв во околното ткиво.
Симптоми
Без разлика на видот, мозочниот удар доведува до оштетување на мозочните клетки како последица на недоволно снабдување со кислород и хранливи материи. Симптомите зависат од тоа кој дел од мозокот е оштетен. Доколку оштетувањето е во делот на мозокот одговорен за движење/подвижност, ќе се јават проблеми со движењето/подвижноста. Често се забележува слабост на едната страна или половина од телото. Ова го нарекуваме хемипареза. Симптомите на мозочниот удар и нивната тежина се различни. Тие вклучуваат:
- Оштетување на видот;
- Ограничено видно поле;
- Нарушувањe на просторната перцепција, двојно гледање;
- Проблеми со говор, развлечено зборување;
- Парализа, вкочанетост;
- Оштетување на сетилото за допир;
- Слабост на аголот на устата;
- Слабост во ногата и раката (спуштено стапало и рака);
- Болка во рамото;
- Нестабилна функција на коленото;
- Нестабилност на телото;
- Вртоглавица со нестабилно одење;
- Спастичност во различни форми.
Рехабилитација
Рехабилитацијата по мозочен удар има за цел да им помогне на пациентите, да бидат независни и да имаат квалитетен живот. Иако рехабилитацијата не може да влијае на оштетувањето на мозокот кое веќе се случило како резултат на мозочен удар, може да им помогне на лицата повторно да развијат вештини неопходни за секојдневно функционирање. Рехабилитацијата најчесто започнува во болница откако ќе се стабилизира состојбата на пациентот. Тоа е мултидисциплинарен пристап, обично се состои од работа со логопеди, физиотерапевти и професионални терапевти.
Ортози за рехабилитација по мозочен удар
Современите помагала (ортози, инвалидски колички, функционална електрична стимулација) ставаат поголем фокус на рехабилитација по мозочен удар. Сите се дизајнирани со цел да му помогнат на корисникот да ја подобри мобилноста и побрзо да се врати на секојдневните активности. Кое помагало е соодветно зависи од повеќе фактори и од состјбата на пациентот.