Рамно стапало во детска возраст

Медијалниот лак (надолжен лак) на стапалото се подигнува при одење или стоење и на тој начин се распределува тежината на целото стапало. Рамно или испуштено стапало е состојба каде медијалниот лак е спуштен и речиси целосно се прилепува на подот. Во повеќето случаи е нормална појава кај бебиња, деца, па дури и кај адолесценти.

Од раѓање до 6-та година

Со раѓање бебињата имаат меко ткиво во внатрешната страна на стапалото. Од втората до третата година, медијалниот лак се подигнува и станува видлив и тоа најчесто при седење. При стоење и одење сводот на стапалото се губи и изгледа спуштено. Ова се флексибилни спуштени стапала и се нормална појава во детската возраст.
Важен период во развојот на стапалото е помеѓу 3-6. година. Оваа возраст е важна за формирање на медијален лак на стапалата. Но, кај некои деца стапалата остануваат спуштени. Доколку се работи за флексибилно спуштено стапало и детето нема болки, не е потребно лекување. Се советува повеќе движење, спортски активности и да се внимава на телесната тежина на детето.

Како да препознате спуштено стапало кај вашето дете?

Наједноставен начин е по изгледот на стапалото.
Кога детето ќе застане исправено, ќе приметите дека внатрешниот дел од стапалото целосно го допира подот. Ако ги погледнете стапалата од задната страна, ќе видите дека Ахиловата пета не е рамна туку е благо заоблена спрема нанадвор.

Видете на сликата подолу ⇩

Тест со подигнување на стапалото на прсти

Со овој тест лесно можете да ги проверите стапалата дури и кај помали деца. Едноставно замолете го вашето дете да оди на прсти. Кога детето ќе се подигне на прсти јасно може да се види подигнување на медијалниот лак. Ако сводот на стапалото се претвори во лак, нема потреба за грижа. Доколку не се подигне медијалниот лак, треба да се консултирате со педијатар, физијатар или ортопед.

Кога треба да се побара помош?

  • Детето се жали на болка во стапалото, скочниот зглоб или потколеницата.
  • Стапалото е ригидно спуштено или се работи за тежок степен на спуштено стапало.
  • Детето се заморува.

Кој е третманот за спуштено стапало?

  • Безболно спуштено стапало: доколку вашето дете не се жали на болка, потребно е само следење на состојбата. Во повеќето од случаите, изгледот на стапалото се подобрува. Постепено, лакот се подигнува од подот и тоа е физиолошки развој. Се советува детето да е повеќе физички активно, да се храни здраво и да има нормална телесна тежина.

  • Вкочането или болно стапало: доколку детето има помала подвижност на стапалата и глуждовите треба да бидат прегледано од лекар. Во повеќето случаи доволно е да носат влошки или ортопедски чевли. 

Shopping Cart