Уна Трајковска има само 9 години, но веќе е пример за храброст, зрелост и упорност. Таа е ученичка во четврто одделение, а нејзината најголема љубов е одбојката. Но, за разлика од многу нејзини врсници, Уна веќе шест месеци носи корсет за сколиоза – состојба која бара трпение и истрајност. И покрај тоа, таа зрачи со позитивна енергија и љубопитност.
Во овој разговор, Уна ни открива како изгледа нејзиното секојдневие, со што се соочува, но и како не дозволува ништо да ѝ го одземе детскиот дух.
Кога ти беше дијагностицирана сколиозата?
Сколиоза имам уште од мала. Тогаш не беше потребен третман, но откако пораснав, искривувањето се зголеми и морав да носам корсет. Д-р Нерон Поповски ми објасни дека мојата сколиоза е генетска, наследна.
Од кога носиш корсет и дали ти беше тешко да се прилагодиш?
Корсет носам од октомври минатата година. На почетокот ми беше стресно и не знаев како ќе се навикнам, но брзо се прилагодив и сега не ми претставува проблем. Редовно и дисциплинирано го носам по 20 часа дневно. Останатите 4 часа, кога не го носам, времето го користам за тренинг по одбојка.
Како се прилагоди на училиште? Дали те прифатија другарчињата?
Кога првпат го носев корсетот на училиште, ми беше страв како ќе реагираат. Ме мачеше мислата: што ако ми падне моливче, а јас не можам да се наведнам? Но, им објаснив сè и тие реагираа многу позитивно. Сега воопшто не се срамам што носам корсет, бидејќи знам дека е за мое добро.
Дали имаш подобрување за време на лекувањето?
Да, за шест месеци имам одлични резултати. Дури и докторот се изненади од корекцијата за толку краток период.
Колку си задоволна од ортотичарот Александар кој ти го изработува корсетот?
Многу сум задоволна. Александар е многу добар и секогаш достапен кога имам прашање. Сега дојдовме по нов корсет, бидејќи претходниот го израснав, и тој ми направи нов што совршено ми одговара.
Што би им порачала на другите деца кои носат корсет?
Би им рекла да не се срамат и да не се плашат. Корсетот не е казна, туку помош. Знам дека понекогаш е тешко, но ако бидеме трпеливи и истрајни, ќе има резултати. И што е најважно – никогаш да не престанат да се смеат и да го прават тоа што го сакаат!