Марија е мојата искра за среќа

Тања Јордева повеќе од повеќе од 40 години има дијабет. Нејзиниот живот се менува кога од една обична рана, паднала во кома а потоа ѝ е направена и надколена ампутација на левата нога. Но и покрај сѐ што поминала, таа не се предава и не застанува. Живее со верувањето дека ако имаш желба и волја, сѐ е возможно. Во продолжение ни раскажува за нејзиниот живот по ампутација.

Пред 8 години ви е направена ампутација. Како се случи, која беше причината?

Имав 43 години, бев вработена и активна со две мали деца. На 8.10.2015 година се удрив и ми се јави рана на ногата. Раната се јави како последица на дијабетично стапало, најчеста компликација кај лица со дијабет. После една недела добив сепса и паднав во кома, бев многу критична. По четири дена поминати во кома, за среќа успеав да се изборам и да се разбудам. Но, истиот ден морав да одам на операција.

Откако се разбудивте, докторите ви соопштија дека потребно е да се направи ампутација. Како ја прифативте операцијата?

Кога докторот ми соопшти дека треба да одам на операција, реков не е проблем што треба да се направи ќе направам. Ноќта ме оперираа а веќе следниот дел ме симнаа на оддел. Кога ме симнаа во соба, прво што направив си пуштив телевизија. Кога влезе докторот да ме види беше шокиран, што бев опуштена и си слушав музика. Но тоа е животот, никој не сака да му се случи ова, но одиме напред. Секогаш велам фала му на бога што се разбудив и што сум жива.

По операција следува период на рехабилитација. Како го поминавте овој период, имавте ли потешкотии да се навикнете на новата состојба?

На почеток морам да кажам дека основа за прифаќање на состојбата е домот. Бев млада кога ми направија ампутација, сите трчаа околу мене, ме чуваа се до еден ден кога реков доста е. Јас морам да продолжам и почнав сама да се движам. По неколку месеци отидов на рехабилитација на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација. Немам зборови колку труд вложија и колку ми помогнаа д-р Велика Лабачевска и д-р Цветанка Савеска.

Кога завршивте рехабилитација, следниот чекор беше Славеј. Какво беше искуството кога прв пат дојдовте?

Кога дојдов во Славеј, бев уплашена не знаев што ме чека. Ми рекоа ќе дојде Марија Станишевска. Кога ја видов Марија како да ми се раздени, нејзината позитивност ме освои. Никогаш нема да го заборавам првиот ден во Славеј. Го сретнав Петар од Охрид кој исто беше ампутиран, помлад од мене и со протеза. Одеше без штаки и имаше мало дете. Без проблем клекна и го зема детето во раце. А кога ми кажа дека скија на вода, си реков има живот и за мене.

Која е вашата порака кон сите кои се соочуваат со ампутација?

Кој нема желба да оди, нема да успее. Колку и да се труди протетичарот доколку пациентот нема желба и волја нема да успее. Нас никој не ни е крив што немаме нога и никој нема да ни помогне ако не сакаме ние. Ако пациентот не соработува со протетичарот се е џабе.

Јас си реков морам да одам. Благодарение на Марија и Славеј јас го живеам животот во полн здив. Станувам во пет часот наутро, ја ставам протезата и ја вадам во 9 вечер кога ќе си легнам. Јас цел ден сум активна и дома и надвор. Сама чистам, пазарам шетам, возам автомобил. Секогаш автомобилот го паркирам два ката подолу, за да се качувам по скали. Многу ретко користам лифт. Да не беше Марија ништо од ова немаше да постигнам. Таа е мојата искра за среќа.      

Shopping Cart