Најважен предуслов за успешно користење на протезата е удобноста на лежиштето на протезата како и сигурно поставување и поврзување на протезата за чкунката. Поврзувањето на чкунката со протезата се прави преку индивидуално дизајнирано лежиште на протезата. Лежиштето овозможува прикачување и држење на протезата за чкунката како и контрола на движењето со протезата. Во лежиштето може да се вградат елементи како вакуум вентили, силиконски навлаки, бравички за прицврстување, силиконски коленски суспензии итн. кои ги подобруваат удобноста, функционалните карактеристики на лежиштето и на целата протеза.
Лежиште
Лежиште е дел од вашата протеза што се поставува на вашиот преостанат дел од екстремитетот (чкунка). Лежиштето секогаш треба да се постави правилно, што ќе ви овозможи удобност како и целосна контрола при користењето на вашата протеза. Добро направено лежиште нуди удобност, стабилност и соодветна распределба на притисокот врз чкунката.
За секое ниво на ампутација, постојат различни дизајни на лежишта, секое индивидуално прилагодено на корисникот. Многу е важно при изработка на лежиштето да се земе во предвид распределбата на притисок на вашата чкунка.
Во Славеј во изработка на лежиштата се користи најсовремена CAD-CAM технологија.
Типови на суспензија
Суспензија преставува начинот на кој лежиштето се прицврстува на преостанатиот екстремитет (чкунка). Како што постојат различни типови лежишта според обликот и дизајнот, исто така постојат и различни видови суспензии. Во зависност од вашите индивидуални потреби, обликот и состојбата на вашиот преостанат екстремитет, протетичарот ќе го одбере најдоброто решение за вас.
Суспензија со силиконска навлака за чкунка (линер) и бравичка – Овој тип на суспензии се состои од силиконска навлака за чкунка која се навлекува на чкунката и од бравичка која се вградува во дното на лежиштето. Навлаката на крајот завршува со пин (трн) кој навлегува и се заклучува во бравичката на дното на лежиштето. Кај овој механизам на суспензија пинот мора да се ослободи од бравичката за чкунката да може да се извлече од лежиштето.Овој тип на суспензија пружа удобност и сигурност кај корисникот.
Вакум суспензија – Кај овој тип на суспензија во долниот дел од лежиштето се вградува еднонасочен вентил низ кој при навлекувањето на чкунката во лежиштето, се истиснува воздухот од него, при што се прави вакуум во самото лежиште. Така обезбедениот вакуум цврсто го прилепува лежиштето за чкунката. Можна е изведба без силиконска навлака и со силиконска навлака за чкунка.Поставувањето на протезата се врши со помош на навлака за навлекување на протеза а еднонасочниот вентил не дозволува влегување на воздух во лежиштето и обезбедува одржување на вакуумот.
Активни вакуумски суспензии – Овој вид на суспензија е базиран на ист принцип како вакуум суспензијата, но кај овој систем се вградува вакуумска пумпа во лежиштето која при одење активно го исфрла воздухот, зголемувајќи го вакуумот и прицврстувањето на лежиштето за чкунката.