Стефан Павловски – Протезата ме врати повторно во живот

Ведар, насмеан и позитивен, е првиот впечаток кој го добивате кога ќе го запознаете 39-годишниот Стефан Павловски од Скопје. На прв поглед со ништо не може да се забележи, дека пред само неколку години успеа да ја добие битката за живот, губејќи дел од себе, бидејќи му беше ампутирана левата нога.

Повторно учев да чекорам

Како последица на болест, тој за само неколку минути требаше да донесе тешка одлука и да дозволи да му направат ампутација. Но, како што вели, колку и да е едноставно да се изговори, кога ќе се соочиш, сфаќаш дека животот потполно ти се менува. Како млад човек на 32 години, ќе треба да продолжи да чекори, но сега, со само една нога.
Кога докторот ми соопшти дека мора да ми ја ампутираат ногата доколку сакам да живеам, без размислување дадов дозвола. Се сеќавам дека издишав со олеснување дека ништо не е страшно, важно јас преживеав. Но кога се разбудив после операција започна мојата агонијата. Наместо да продолжам, јас морав повторно да учам да станувам и да чекорам.“ објаснува Стефан на кого му било потребно подолго време да се прилагоди на новата состојба.

Најважно е да ја прифатиш реалноста

Ден по ден, месец по месец, со помош на најблиските успева да ја прифати за него „новата реалност“. Тој свати дека, колку и да изгледало страшно сепак, ништо нема цена како животот. Се пријави во Славеј и започна со процесот на изработка на протеза. За кратко време, со силна волја и упорност успеа да застане на својата „нова нога“. Денес повеќе не мисли на тоа што било, туку што може повеќе да направи. Денеска сам се движи, оди на работа, вози автомобил и точак.
Имам микропроцесорско колено C- Leg од Ottobock, со кое слободно функционирам “исто” како и пред операцијата. Благодарен сум на Славеј и Ѓорѓи Станишевски, кои направија многу за мене и ми се достапни во секој миг. Тие ми се најголема потпора, без нивната помош, никогаш немаше повторно да се вратам.“, објаснува Стефан.

Денеска Стефан со насмевка му пркоси на животот. Самоуверен и со позитивна мисла, се соочува со сите предизвици. Веќе не му пречат ни љубопитните погледи, на кои секогаш одговара со шега на негова сметка.
Луѓето се љубопитни, прашуваат за протезата. Минатата година прв пат отидов на одмор и на плажа имаше дете, кое ми пријде и ме праша што се случува со мојата нога. Му се насмевнав и му кажав дека сум лик од цртан филм. Детето беше воодушевено дека се запознал со својот херој ‘железниот човек’(Iron Man). Беше многу симпатична ситуација.“ низ насмевка раскажува Стефан.
Тој додава дека животот е скала по која се искачуваме, и треба да се соочиме со сите предизвици кои ни ги носи времето. Стефан успеа да го надмине еден голем предизвик, да се исправи и да чекори со помош на протеза.
Кога на млади години ќе се соочиш со смртта е навистина тешко, а кога ќе ја победиш сваќаш колку е животот прекрасен. Се поинаку гледам на работите, се радувам и на најмалите ситници и уживам во секој нов ден. Мојата одлука колку и да изгледаше страшна ми даде нов живот, нешто што нема цена.

Shopping Cart