Со една рака можам да го освојам светот

Маја Костовска е млада жена која има сила и храброст, како што вели да го освои светот. И покрај тоа што има хемипареза, и тешко ги движи десната нога и рака, за неа не постојат ограничувања.

Тешка операција на глава

На само 16 години има сообраќајна несреќа, од која се здобива со тешки повреди на главата. Веднаш била оперирана, но не се знае дали ќе преживее. По операцијата Маја 21 ден поминува во кома.

„Во сообраќајната несреќа, јас бев најтешко повредена и тоа на главата. Ми направија две операции од кои прогнозите беа или ќе завршам фатално или никогаш повторно нема да одам.“  раскажува Маја за најтешките моменти од нејзиниот живот.

Повторно застанав на нозе

По операцијата следува нов предизвик, таа не може да зборува ниту да оди. Поради сложените повреди никој не дава надеж дека ќе застане на нозе. Како млада девојка пред која е животот, тешко ја прифаќа новата состојба. Но со поддршка на родителите, роднините и пријателите, успева во невозможното.

„Кога на 16 години ќе се соочиш со смртта е навистина тешко, но кога повторно ќе се вратиш на животниот колосек ќе сфатиш колку е животот прекрасен. Ќе научиш поинаку да гледаш на нештата, да се радуваш и на најмалите ситници, да уживаш во секој нов ден. Со упорност терапии и вежби, постепено почна да  ми се враќа силата но и надежта. Памтам еден ден реков тука животот не е завршен, треба да живееш и да се избориш. И успеав во тоа и денеска јас одам .“ објаснува Маја за моментите кога повторно ги прави првите чекори.

Јас сум храбра и силна жена

Иако на почетокот се сожалува, брзо сваќа дека и со една рака може сѐ да направи. Среќна е и благодарна што животот и дал нова шанса. Не сака луѓето да ја гледаат со сожалување.

„Луѓето постојано ме гледаат поинаку и со сожалување. Но нема потреба да ме третираат така, јас сум храбра и силна жена и нема потреба некој да ме сожалува“низ насмевка порачува Маја.

Сега, кога има втора шанса за живот, го живее животот со полна пареа бидејќи, како што вели, не знаеш што те чека следното утро.

Shopping Cart