Осум најчести прашања и одговори за сколиоза

Сколиозата се јавува и кај двата пола, но почеста е кај девојчињата во споредба со момчињата, особено во пубертетот и адолесценцијата, кога поради хормонални промени децата нагло растат и се развиваат. Ризикот од сколиоза постои се додека детето расте и се развива, односно до моментот кога ќе заврши растот и развојот на коските и затоа  лекувањето и следењето трае до 18. година од животот. Во продолжение д-р Јулијана Мудинова ни одговара на најчестите прашања за сколиозата.

1. Што е сколиоза?

Сколиоза е состојба која опфаќа промени на позицијата и формата на:   

  • ‘Рбетот- искривување во фронтална рамнина со една или две кривини;
  • Градниот кош- асиметрија на ребрата и формирање на грпка;
  • Трупот- промени во формата.

The Scoliosis Research Society (SRS) сугерира дека дијагнозата на сколиоза е потврдена кога на Рендген снимка Кобов агол е 10 и повеќе степени и има аксијална ротација на пршлените. Во зависност од етиологијата може да биде:

  • Идиопатска,
  • Невромускулна,
  • Дегенеративна,
  • Конгенитална,
  • Трауматска,
  • Неопластична,
  • Инфективна.

Идиопатската сколиоза се вика бидејќи не е позната причината и се јавува кај здрави деца. Може да прогрaдира, а зависи од многу фактори за време на растот. Последните години се прават обиди да се поврзе со генетска предиспозиција. Најголем дел од сколиозите се идиопатски, околу 80%.

2. Која возраст е најризична за сколиоза?

Се јавува во секој период од детска возраст но најчеста е кај адолесценти, од 11 години до завршување на растот.

3. Како родителите да ги проверуваат своите деца, постојат ли некои специфични тестови?

Родителите можат во домашни услови да ги препознаат знаците на сколиоза со едноставна проверка:  

  • Асиметрија на висината на рамената и скапули;
  • Видлива странична кривина на ‘рбетот;
  • При наведнување напред (Адамов тест) се гледа асиметрија на граден кош и формирање грпка на една страна;
  • Накосеност на карлица.

Проверките се особено важни доколку некој член од семејството има сколиоза. 

4. Кои активности се препорачуваат како дел од превенција на сколиозата?

Не постои специфична превенција за сколиоза. Превенцијата на сколиозата е содржана во препораките за одржување на добро здравје за време на периодот на растење. Поради тоа, родителите треба да знаат дека не се виновни за појавата на сколиоза (што многу често се поставува како прашање). Но, затоа пак имаат улога во проверка на децата. Ова  особено е важно доколку  во семејството има случаи на сколиоза, за да се открие навреме и да се започне со третман.

5. Колку треба да биде активно детето?

Се препорачуваат активности кои помагаат во подобрување на држењето на телото (постурата), како што се:

  • Вежби за ‘рбет;
  • Aеробични вежби;
  • Правилно седење (автокорекција во 3D);
  • Подолг период на физички активности особено надвор, во однос на времето поминато во седење;
  • Спортски активности се општи препораки за одржување на психолошко, невромоторно и општо добро здравје за време на растот;

Физичките активности ( трчање, возење точак, пливање и др,) треба да бидат застапени најмалку 250мин/неделно, а пожелно да бидат повеќе.

Потребна е едукација на децата за предностите од одржување на правилна положба на телото во секојдневниот живот, која ќе има влијание на здравјето во понатамошниот живот. Децата поминуваат долго време во седечка позиција, така да е потребно да го знаат правилниот став при седење.

  • Стaпалата да бидат ставени на подот или на специјален бокс за стaпала;
  • Kолената да бидат во иста висина со колковите, а скочните зглобови да бидат малку пред колената (да се следи правилото 90-90-90);
  • Релаксирани рамења, а подлактица паралелна со биро или под, лактите да формираат L-позиција;
  • Трупот исправен, вратот во физиолошка положба и да не биде напнат и испакнат напред;
  • Ако седењето не е удобно се става подршка во предел на лумбален ‘рбет (перниче);
  • Да не се прекрстуваат колената и скочните зглобови;
  • На секој час седење/ 10 мин одмор.

7. Кои физички активности се препорачуваат?

Физичките активности кои се препорачуваат се балет, гимнастика, ритмички играња. Пливањето е корисно за целокупното здравје, но не е специфично за превенција на сколиоза. Асиметричните спортови (пр. тенис) немаат влијание за појава на сколиоза. Како фактор за правилен раст и развој има улога правилната и балансирана исхрана.

8. Колку современиот „сајбер“ начин на живот кај децата е потенцијал за пораст на бројот на сколиози?

Тешките ранци, лошото држење, зголемената телесна тежина се обвинувани и имаат влијание како надворешни фактори за деформитети и состојби на ‘рбетот, но до сега нема научни медицински докази за директни етиолошки фактори за сколиоза.

Во последно време, со појавата на ИТ технологијата, особено паметните телефони, се повеќе се поставува прашање за нивното влијание кај децата кои се во раст и развој. Веќе се докажани одредени влијанија на повеќе системи во организмот, но сеуште нема убедливи медицински докази дека тоа е фактор за појава на сколиоза. Што се однесува до локомоторниот систем, се појави терминот “Text Neck”. Тоа е состојба на вратот пратена со болка во врат и рамења, напнатост на вратна мускулатура и главоболка. Се јавува поради лошо држење на вратот при седење и користење на мобилен телефон без да се менува положбата на телото подолго време.

Shopping Cart