Мојот живот со сколиоза – Ива Апостолска

Откако на редовен систематски преглед на 10 годишна возраст ми ја дијагностицираа сколиозата (почетни 30°), таа стана составен и клучен дел од мојот живот, сѐ до денеска. Оваа наша неразделна врска, особено долгиот, континуиран и макотрпен период на лекување и рехабилитација што значеше носење првично гипс, а потоа корсет 24\7 комбиниран со физикална терапија – процес од 10 години, е едно од најстрансформативните и најзначајните искуства во мојата лична биографија.
Ова патешествие ми донесе многу промени како што се менуваше и состојбата на мојот ‘рбет додека растев и се развивав, а неговото ехо го чувствувам и денес. Соочувањето со сколиозата ми приреди многу подеми, падови, неизвесности, трки со времето, себенадминување и триумфи, кои ја поставија основата на мојата човечка истрајност, отпорност и цврст карактер.

Бев екстремно активно и силно дете, па фактот дека имам деформитет, а со тоа и третманот што буквално значеше деноноќно болно оклопување на моето тело во корективен корсет за да се постигне максимална исправеност на ‘рбетниот столб ми беше голем шок и фрустрација, кои подоцна се претворија во прифаќање на реалноста и борбена акција за подобрување на својата состојба. Низ сите години, и покрај агонијата, бев неверојатно дисциплинирана во следење на насоките на лекарите (особено од мојата фантастична ортопедка, докторката Албена, која го следеше мојот развој низ годините), во носењето на ортозите изработени од Славеј, практикувањето физичка активност и сите други придружни помошни методи. Целиот овој систем на поддршка (вклучително и моите родители и наставници), заради непредвидливата природа на сколиозата, несомнено за влакно ме спаси од хируршка интервенција на мојот `рбет (кога кривината доспеа 39°) и ми овозможи понатамошен нормален живот без болка и значајни долготрајни последици, со најдобра можна корекција согласно терапевтскиот пристап.

Адолесцентниот период го паметам како особено интересен и драматичен, главно заради емоционалната и социјалната ранливост што ја носат тие години. Ниту тогаш не дозволив „различноста“ да ја разниша мојата детерминираност да се справам со тоа што како предизвик беше ставено пред мене. Кога се фокусираш и инвестираш во сопственото здравје, сите други непријатни влијанија од околината, стануваат само позадинска слика и избледуваат.

Во тоа време, додека бев средношколка и „девојката со сколиоза“ што упорно носеше корсет секој ден и цел ден, имав среќа да ја откријам љубовта кон спортското качување и природните карпи. Таа страст ми отвори нови хоризонти. Сфатив дека живеењето со сколиоза не е само едносмерна улица, не е ограничување и човекот не го дефинира само сколиозата. Бележев одличен успех во образовниот процес, а паралелно тренирав спортско качување речиси професионално за тогашните услови, па со фантастични резултати на меѓународни и државни натпревари успеав да се запишам и официјално како прва жена-пионерка во историјата на македонското спортско натпреварувачко качување. Спортот ми помогна да ги пробијам и поместам границите на своите способности, и ѝ стана најдобар партнер на мојата сколиоза.
Себе-прифаќањето дополнително се зголеми, и имав голем простор каде можев да ги канализирам своите грижи, очекувања и аспирации за себе.
Денес, кога времето на интензивниот раст и третман е одамна зад мене, јас продолжувам во зрелите години да водам нормален, здрав и активен живот со сѐ уште присутна, но скоро незабележлива сколиоза и голема љубов кон качувањето како повремено омилено хоби.

Shopping Cart