Ајде да зборуваме за сколиозата – Со Проф. Д-р Спец. Ортопедски Хирург Зоран Божиновски

Разговаравме со Проф. Д-р Спец. Ортопедски Хирург Зоран Божиновски – ЈЗУ Универзитетска Kлиника за Tрауматологија, Oртопедски болести, Aнестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар за тоа како да се детектира, симптомите кои следуваат како и третманите на сколиозата.

 

П: Дали сколиозата боли?
О: Сколиозата, односно искривувањето на ‘рбетот не боли, меѓутоа деформитетот доведува до напнување на мускулатурата околу ‘рбетот. Ако постои деформитет, мускулатурата има тенденција тој деформитет да го исправи, и поради тоа еден дел од мускулатурата се напрега многу повеќе од другите делови на мускулатурата на ‘рбетот.
Доколку мускулот е подложен на поголем напор, тогаш тоа се манифестира со појава на болка. Самиот деформитет, , не боли, меѓутоа заморот на мускулатурата ја предизвикува болката и таа болка прави да изгледа дека искривувањето на ‘рбетот боли. Заморот на мускулатурата е тој кој што предизвикува болка, затоа е потребно да се прават вежби за зајакнување на мускулатурата на ‘рбетот. Колку повеќе мускулатурата е зајакната, со поголем тонус, толку ке биде помала болката.

П: Дали е важна раната детекција на сколиозата?
О: Раната детекција на сколиоза е важна посебно на структурната сколиоза, значи таму каде што има промени во структурата на ‘рбетот, a важна е заради тоа што со раното откривање на сколиозата ќе се превенира понатамошно влошување на сколиозата, бидејќи третманот зависи од деформитетот и искривувањето на ‘рбетниот столб. Доколку се работи за помало искривување, тогаш е можно со вежби да се направи корекција, а доколку се работи за голем деформитет тогаш е потребно хируршко решавање на проблемот. Прегледот може да се направи на многу едноставен начин со застанување пред огледало при што треба да се гледаат асиметричните појави на телото. Родителите можат да направат преглед ако утврдат неправилности на телото или присуство на асиметрија на десната со левата половина на телото. Симетрија на рамениот појас, (нивелација на рамениот појас), се споредува десното со левото рамо, се споредуваат градите и брадавиците на градите, дали се во иста висина, дали едната е повисока од другата, а се споредува и слабинскиот предел за да се утврди некоја асиметрија или дали се видливи некои деформитети. Исто така, доколку се забележат било какви деформитети на градниот кош (испакнувања, вдлабнувања) или на ‘рбетот сепримети деформитет потребно е да се појде на лекар за да се утврди деформитетот и причината за неговото настанување. Редовните систематски прегледи кај децата во основно и средно училиште многу допринесуваат за раното откривање на деформитетите на рбетот.

 

П: Што е целта на третманот на сколиозата?
О: Сколиозата, без разлика дали е структурна или е резултат на лошото држење на телото т.н постурална сколиоза, се третира зависно од искривувањето кое што постои на ‘рбетот и се лекува зависно од степенот на деформитетот.
Постојат одредени степени за искривување на ‘рбетот, и зависно од тоа се применуваат вежби – доколку е мал деформитетот до 20 степени, со цел да се зајакне мускулатурата на ‘рбетот и на тој начин самиот деформитет да се исправи. Тие вежби се изведуваат во одредени центри за физикална терапија, а тие истите откако пациентот ќе ги научи, треба да се изведуваат секојдневно во домашни услови. Целта е да се зајакне ослабената мускулатура и да се намали деформитетот. Доколку деформитетот е посилно изразен, над 20 степени, во тој случај се препорачуваат корсети, кои што пациентот треба да ги носи 20 часа во текот на денот, особено на училиште. Тие корсети се со цел да ги исправат деформитетите со тоа што притискаат на одредени точки, каде што се јавува искривувањето и на тој начин го коригираат деформитетот. Носењето на тие корсети е задолжително 20 часа во текот на денот и е долготрајно, сѐ додека трае интензивниот раст, во период од 12 до 17 год, зависно кај машките и женските пациенти.

Третиот начин на лекување, доколку и понатаму е присутен деформитетот и е многу голем со искривувања на ‘рбетот кои се поголеми од 40 степени, бара хируршки третман, кој што подразбира корекција на деформитетот со одредени шипки кои што се ставаат во ‘рбетот и шрафови за да се прицврстат тие шипки. При тоа се прави фиксација на рбетот во најголем дел на неговата должина која е трајна и останува до крајот на животот. Тоа се комплицирани зафати кои одат со голема крвозагуба и се со зголемен ризик за пациентите. Хируршкиот третман е наменет за поголеми деформитети, кои што за жал се присутни кај пациентите и ги има сѐ повеќе и повеќе. Поради тоа треба да се работи на подигање на знаењето за деформитетите на рбетот кај адолесцентната популација, подигање на свеста за тежината на состојбата и можните компликации кои можат да произлезат од ненавремено дијагностицирање и неправилен третман на деформитетите на ‘рбетот.

Shopping Cart