На 22 годишна возраст како возач на товарно возило, доживеав сообраќајна несреќа и веднаш ми беше ампутирана левaта нога, 11 см на натколеницата. Се разбудив после операција… шок.
Не можев да поверувам, да се соземам и да се помирам со новата состојба во која се наоѓав. Срцето ќе ми препукнеше, пробував да се средам и да не мислам на тоа, но чувствата ме победуваа. Борбата во мене беше голема, сватив дека не сум способен ниту до прозор да одам да скокнам и да си го одземам животот. По 24 часовна борба со мислите, со самиот себе, во мојот ум се вртеше само едно прашање-што понатаму?
Се сетив на еден мој поранешен комшија, кој беше со натколена протеза и работеше како автомеханичар во услови кога ниту имаше добар алат за работа, ниту услови за работа, а сепак добро функционираше.
Размислував, зошто да не пробам да ги истакнувам моите човечки способности без оглед на состојбата во која се наоѓав. Најкраткиот пат беше со физикална терапија и апликација на протеза.
Од тој ден наваму можам да кажам дека тогашниот 24 часовен пекол од мојот живот полека премина во достоен, нормален живот.
Во Центарот за ортотика и протетика Славеј ми беше аплицирана натколена скелетна протеза со дрвено лежиште. Успешно ја прифатив и се оспособив да ја користам како дел од себе. Целиот работен век го поминав во Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје како одговорен за техничкото одржување, и во целост и беспрекорно ги исполнував моите работни задачи.
За неполни две години се оженив и семејството ми се зголеми со две прекрасни ќерки. Во меѓувреме во Славеј ми беше аплицирано хидраулично колено од Ottobock, кое според карактеристиките има слично движење како и природното колено.
Од 1995 година активно се занимавав со стрелаштво, каде покрај многубројните меѓународни трофеи и медали од Европски и Светски првенства го достигнав врвот во спортот, освојувајќи сребрен медал на параолимпијадата во Атина 2004 година. Бев прогласен за спортист на годината на Р. Македонија а имам уште десетина други спортски заслуги.
Моите успеси се заслуга и на вработените во Славеј, на кои бескрајно сум им благодарен што ми се најголема поддршка сите овие години. Она што посебно сакам да издвојам е брзата реакција, услугата која е на високо, квалитетната изработка и професионалниот однос. Овие позитивни карактеристики на оваа компанија, многу ретко може да се сретнат и на друго место и затоа тие ќе останат мојот прв избор и понатаму во животот.
На крај сакам само едно да им порачам на сите кои ќе се најдат во иста или слична положба како и мојата: За сѐ постои решение, животот е убав и вреди да се живее!