Кај сколиозата, коските на ‘рбетот се поместуваат и ротираат од местото каде што треба да биде средината на’ рбетот, предизвикувајќи тој да се криви. Иако може да влијае на секого на која било возраст, сколиозата најчесто се дијагностицира на возраст од 9 до 16 години и е позната како адолесцентна идиопатска сколиоза.
Кога на рендген преглед ќе се утврди степен на сколиоза, а детето сè уште има предвиден раст, ортопедот или физијатарот може да препише корсет за сколиоза.
Корсетот прави притисок врз одредени области, за да се исправи ‘рбетот. Обично, искривувањето на ‘рбетот се намалува во периодот кога се носи корсетот, и ќе остане во истата состојба кога ќе се отстрани.
Видови на корсети
Постојат повеќе видови на корсети за сколиоза. Видот на ортозата ја одредува лекарот и ортотичарот. Корсетите за сколиоза се пластични, најчесто не се обложени во внатрешноста, за да бидат потенки и да не приметува под облеката на детето.
Временски период за носење
Временскиот период на лекувањето го одредува специјалистот. Бидејќи третманот трае подолго, корсетот мора да се носи одреден број на часови секој ден. Колку часови дневно ќе се носи, одредува докторот во согласност со активностите на детето.
Ортопедот или физијатарот кој го лекува детето, одредува колку долго е потребно да се носи корсетот. Тоа зависи од неколку фактори како: зрелоста на коските, возраста, почеток на менструален циклус кај девојчиња и големината на кривината. Препорака за постојано носење значи 18-22 часа дневно, а ноќното носење е 8-10 часа, секој ден во текот на ноќта. Според истражувањата, корсетите кои се носат повеќе часови дневно, подолго од 18 часа, имаат поголема стапка на успешност.
Исто така, важно е да се напомене дека носењето на корсетот во текот на ноќта, има поголем успех во корекција во споредба со дневното користење.
Во зависност од растот на детето, од успехот на третманот се одредува на кој временски период ќе се менува корсетот. Некои деца имаат потреба од неколку корсети во текот на лекувањето.