Андреј Стојановски е младо и успешно момче, кое храбро пркоси на сите стигми и ограничувања. Роден е со недостаток, неразвиена десна потколеница на ногата. Прв пат со протеза се запознава уште на 6 месечна возраст и од тој момент таа е дел од него.

„Во животот поминав низ многу непријатни ситуации кои влијаеа на мене и ме направија несигурн и повлечен. Децата во училиште беа сурови поради мојот недостаток. Ми пречеа и случајните минувачи и нивните потајни погледи и навидум скришни шепотења. Сето ова влеа несигурност кај мене и станав повлечен.“објаснува Андреј.

Но како растел сватил дека неговиот физички недостаток и протеза не се причина за неупех, туку спротивното, мотив да докаже дека може да постигне многу повеќе од другите.

„Низ годините сите овие работи, не ме уништија, туку ме направија уште посилен и похрабар. И покрај се, успеав да ги надминам очекувањата на другите и да се надминам во своите можности и способности. Со мојата протеза во училилиште бев најбрз во трчање. Ниту едно дете не можеше да ја достигне мојата брзина. Со годините научив дека  можам многу повеќе да направам. “

Денеска на 22 години Андреј е борбен и успешен во секое поле. Студира софтверско инженерство, работи и спортува. Она што сега го движи е љубовта кон Христина која е негова најголема поддршка и која го прифатила со сите негови позитивни страни.

„Благодарение на нејзе, повеќе не се срамам да кажам и покажам дека носам протеза. Во лето носам кратки пантолони и успешно ги игнорирам љубопитните погледи на луѓето. “

После години борба тој доби уште една битка, право на карбонско стапало кое може да го следи во сите негови достигнувања. Тој како високо активен корисник, стапалото му овозможува подобар притисок и баланс на енергија.

„Во текот на целиот мој развој, секогаш покрај мене е тимот од Славеј. Посебно сум благодарен на Сашо Панов кој потполно ме разбира и ги исполнува моите потреби во однос на протезата. За мене е достапен во секој миг кога и да имам било каков проблем, знам дека можам да се потпрам на него.“

Андреј во својот дом има посебно катче каде до денеска ги чува сите протези кој досега ги носел. Тие се неговиот доказ и потсетник за тоа каде бил и колку далеку стигнал.