Мудроста и интелектот се нејзина силна страна, а најголема љубов и се книгите и пишаниот збор. Кога разговарате со Елена Тунтевска, имате чувство дека зборувате со возрасен човек, кој натоварил многу искуство движејќи се низ животот. Но таа е само една прекрасна девојка која со своите четиринаесет години, плени со нејзината харизма.
Гледајте ги моите потенцијали не ограничувањата
Елена е родена со сколиоза и кифоза, состојби поради кои инвалидската количка сега е нејзината машина, со која храбро се движи низ светот исполнет со физички и емоционални бариери. За неа најтешки се границите од средината, произведени од стигми и стереотипи.
„Најголем проблем ми е што луѓето постојано измислуваат работи зошто сум во инвалидска количка. Работи кои не се вистинити. Јас сум многу редок случај и би сакала да ги гледаат моите потенцијали, не ограничувањата. Би сакала сите да сфатат, колку би ни го олесниле животот доколку попреченоста не ја гледаат како пречка. “ објаснува Елена.
Возбудена пред средношколките денови
Во нејзиниот живот посебно место имаат родителите и нејзината сестра близначка Јана, со која од Септември ќе зачекорат кон ново животно поглавје, како средношколки.
„ Едвај чекам да запловам во средношколските години. Возбудена и среќна сум за новите почетоци.“
Како и секој млад човек сака да слуша музика, да се дружи со своите врсници, да шета и да патува.
„Многу нешта ме прават среќна. Ја сакам слободата, патувањата и моето ново хоби плетењето, кое сама го научив гледајќи видеа на интернет. Секоја момент го користам за некоја креативна работа. Сепак моја најголема желба е да го видам Њујорк, град кој според мене поседува посебна моќ. “
За Елена, најголемата моќ е да останеме тоа што сме и никогаш да не се менуваме за другите. За крај додава дека, кога би имала волшебно стапче би го сменила начинот на кој на кој луѓето се гледаат едни со други и би го сменила погледот кој го имаат кон лицата со попреченост.
„ Да си ист како другите е вообичаено, да се биде различен е моќно.“