Поголем дел од луѓето се збунети и изненадени, кога треба да комуницираат со лице кое има некаква попреченост. Најчесто се плашат дека со своите постапки и зборови, ненамерно ќе го повредат соговорникот. За да се олесни секојдневниот живот на лицата со попреченост, и да се поттикнат луѓето да направат контакт без страв, создаден е бонтон за секојдневна комуникација со лица со попреченост.
- Најосновно, фокусирајте се на личноста не инвалидитетот!
- Пристојно ракувајте сѐ, дури и кога личноста има ограничени движења на рацете, користи протеза или има оштетен вид!
- Пред да помогнете, секогаш прашајте дали е потребна вашата помош. Можеби помошта не е потребна, или е несакана.
- Никогаш не се наслонувајте на нечие ортопедско помагало (количка, одалка или патерици). Помагалата се дел од некого и затоа внимавајте.
- Зборувајто директно со лицето, не со некој покрај него како да не постои. Ова особено важи кога станува збор за лица со оштетен слух или вид.
- Доколку разговорот со лице во инвалидска количка трае повеќе од неколку минути, седнете за погледот да ви биде на иста висина.
- Немојте да ги понижувате лицата со телесна попреченост или да се однесувате заштитнички спрема нив тапкајќи ги по рамо или глава.
- Кога некому му објаснувате во која насока да се движи, имајте го во предвид следново: растојанието, дали патеката има рампи како и временските и физички препреки кои може да го отежнат движењето на лицата со телесна попреченост.
- Не ги спречувајте децата да поставуваат прашања на лицата со телесна попреченоста за ортопедските помагала (инвалидски колички, патерици, бастуми или протези).
- Кога лицето кое користи инвалидска количка, ќе се префрли на стол, кревет или автомобил, не ја поместувајте количката од нивниот дофат. Доколку мора да се тргне од било која причина, прво прашајте го корисникот. Истото важи и за лицата кои се движат со патерици или имаат протеза.
- Во ред е да се користат изрази како: „оди“ или „ајде да прошетаме“ кога разговарате со корисник на инвалидска количка. Тоа се подразбира како покана да се движите во иста насока.
- Дел од лицата кои користат инвалидски колички се со различни физички способности. Некои можат да се движат на кратки растојанија со помош на патерици. Тие користат инвалидска количка, бидејќи им помага да ја зачуваат силата и поефикасно да се движат на долги растојанија.
- Не ги сметајте лицата со ортопедски помагала како болни. Ортопедските помагала се во функција на помош, да се прилагодат или да ги компензираат оштетените функции за движење. Некои од причините за користење на ортопедски помагала може да бидат: оштетување на ‘рбетниот мозок, мозочен удар, ампутација, мускулна дистрофија, церебрална парализа, мултиплекс склероза, детска парализа, срцеви заболувања, тешки форми на ревматски појави и многу други причини за телесна попреченост.
- Внимавајте на предрасудите! Немојте да ги ставате ортопедските помагала во негативна конотација. Кога инвалидската количка е добро опремена, и е според корисникот, тоа значи дека му дава слобода во движењето и можност да биде вклучен во секојдневните активности.
- Доколку разговарате со личност која има нарушување во говорот, а не сте ја разбрале, замолете ја личноста да повтори.
- Кога разговарате со лице со оштетен слух, свртете се директно кон него, не го кревајте гласот и не му зборувајте на уво. Таа личност ќе ги разбере вашите изрази на лицето, ќе ги чита вашите усни или ќе користи помошник за да им ги пренесе вашите зборови со помош на знаковен јазик. Доколку ситуацијата ви дозволува , можете и да пишувате.
- Во сообраќајот почитувајте ги лицата со попреченост кои возат и имаат лепенка на возилото. Зголемете го растојанието, намалете ја брзината и бидете претпазливи. Повеќето се добри возачи, но со малку побавни реакции, бидејќи тие возат на рачни команди.
- Во јавниот превоз, не ги зафаќајте местата означени за лица со попреченост. Доколку се зафатени, понудете го вашето. Исто така помогнете при качување и симнување.
- Не заборавајте дека лицата со попреченост имаат приоритет во јавните институции и на сите други места.
- Не ги милувајте кучињата водичи или други животни кои им помагаат на лицата со попреченост. Тие работат.