М.О.Б.И.С. систем
Како корисник на протеза, со МОБИС системот на класификација на компоненти за протеза , развиен од нашиот партнер Otto Bock ќе Ви помогнеме во изборот на протетски компоненти кои се најадекватни за Вашите потреби и физички предиспозиции. Целта на овој систем е подобро разбирање помеѓу техничарот и пациентот. Со таков пристап обезбедуваме правилен избор на компонентите од кои ќе биде составена Вашата протеза.
Ознаката МОБИС се наоѓа на секоја функционална компонента од програмот на Otto Bock.
Кругот МОБИС е поделен на две половини.
На горната половина се наоѓаат четири полиња кои го означуваат степенот на мобилност (активност) на пациентот:
1Степен. Движење во затворен простор или движење по рамен терен со мала брзина.
2 Степен. Ограничено движење на надворешен простор со мала брзина и совладување на препреки како тротоари, скали или нерамнини. Должината на движењето и изминатиот пат сеуште се ограничени.
3 Степен. Неограничено движење во надворешен простор со средна и со висока брзина при што се совладуваат поголемиот дел од препреките од околината. Извршување на професионални обврски и други активности кои не ја изложуваат протезата на натпросечни механички оптоварувања.
4 Степен. Неограничено движење во надворешен простор со посебно високи барања. Движење слично како и кај претходната категорија, но поради функционални потреби на корисникот на протезата, истата може да се изложи на екстремни оптоварувања, деформации и напори
Долната половина на кругот е поделена на четири полиња од кои секое ја означува дозволената тежина на корисникот на протезата. На пример ако се означени (потемнети) првите три полиња тоа значи дека компонентата е дозволена за пациенти до 125 кг.
Протезата обезбедува функција и издржливост колку што тоа го овозможува најслабата компонента вградена во неа. Од тие причини препорачуваме изборот на компоненти и нивната комбинација да биде заедничка одлука на корисникот на протезата и техничарот кој ја изработува.