++389 (0) 2 3217 633

Л.А.С.А.Р. Биомеханика на протезата

Л.А.С.А.Р. Биомеханика на протезата

Искористувањето  на можностите на протетичките делови зависи од квалитетот и прецизноста на изработката на самата протеза. Неисправно поставените делови од протезата може да  елиминираат или да намалат одредени функции  на поедини компоненти од протезата , но и да ја загрозат сигурноста на корисникот. Затоа за статичко порамнување на протезата го препорачуваме системот Л.А.С.А.Р.

 Биомеханика:

Одење претставува  пренесување на телото од едно место на друго со наизменични движења на долните екстремитети.Тежината се пренесува од нога на нога. Тоа пренесување се случува во активност која ја нарекуваме чекор.За полесно разбирање на анализата, чекорот ќе го дефинираме како движење помеѓу две исти положби на нозете.

На сликата е прикажан  еден чекор кој почнува и завршува со допир на петата на подот. Го делиме на фаза на потпора  и фаза на нишање.Фазата на потпора трае од моментот на допир на петата на подлога  до подигање на прстите од подлогата. Фазата на нишање почнува со подигање на прстите од подлогата и со активна флексија во колкот и коленото. По инерција следи пасивно исчекорување кое завршува со допир на петата на подлогата.

Ова едноставно објаснување ни е потребно за да ги разбереме основите на движењето. Меѓутоа движењето во просторот  е многу посложено. Со менување  на брзината на одење, скалила, угорнини, удолнини , нерамен терен,  движењето дополнително се комплицира.  Во понатамошниот текст овој факт ќе го занемариме заради полесно објаснување и разбирање на проблемот. Сепак не заборавајте дека конечна цел ни е на лицата со инвалидитет да им овозможиме движење и во сложени услови.

Биомеханиката на одот со протеза се разликува од биомеханиката на нормалниот од. Динамичката функција овде ја врши само мускулатурата на карличниот појас и колкот. Оваа мускулатура  ја започнува фазата на нишање и на протезата и дава забрзување. Останатото е задача на функционалните  компоненти  на протезата. Коленото мора да пружи сигурна потпора без потклекнување. Тоа го постигнуваме со преместување на линијата на тежиштето пред    оската на ротација на коленото. Исто така изостанува активна флексија на коленото. Протезата,  условно можеме да ја сметаме како парализиран екстремитет. Наша задача е да обезбедиме ритмично поместување на тежината од нога на нога со чекор со иста должина  и иста брзина на свиткување и исправање на  протезата и на  здравата нога.

Проблемот на парализирана нога се надоместува со еластични или хидраулични  компоненти кои се вградуваат во протезата. Енергијата акумулирана при свиткување се ослободува како еластичен одговор  при исправање и го забрзува одот. Тоа најдобро се разбира ако се гледа  еластичниот одскок на вештачкото стопало. Модерните композитни стопала толку  ефикасно ја враќаат енергијата при исправање на стопалото (отскок) што кај  добро обучен корисник на протеза,  за обичен набљудувач не се забележува разлика помеѓу протезата  и здравата нога.  Колку е нивото на ампутацијата повисоко,  толку повеќе функционални делови се потребни да се вградат во протезата. Кај ампутациите над колено, потребно е да се вгради и вештачко колено. Тогаш задача на техничарот е да ги усогласи функцијата на коленото и стопалото, да се усогласи  конструкцијата на протезата  и да се обезбеди хармонично содејство на двете битни функционални компоненти , стопалото и коленото.

Не е доволно само да се има скапо колено.Тоа мора исправно да се постави и статички да се урамнотежи спрема стопалото и лежиштето. Јасно е дека урамнотежување ( статичко ) на протезата од око,  не може да ни  пружи целосно искористување на  особините на компонентите  на протезата. Затоа денес се служиме со уреди кои биомеханиката ќе ја прават видлива.

Системот Л.А.С.А.Р. го прави токму тоа. Ги визуелизира осовините , правците и големините на силите . Најнапред ги гледаме и подесуваме во мирно стоење , а потоа ги дотеруваме  во од. Тоа значи дека знаењето на техничарите е дополнето со можностите на технологијата и опремата,  исклучувајќи импровизации и субјективни грешки.

Новите конструкции на колената  бараат се повеќе знаење од биомеханика,  затоа што и најдоброто колено е лошо ако не е правилно поставено.

 

Коленски зглобови

Коленскиот зглоб освен сигурност мора да пружи и одредена функција. Затоа статичкото урамнотежување на протезата е многу важно. Ако коленото статички е подесено пресигурно,  тоа нема лесно да се отвара и ја губи функцијата ( како да е прав несвитлив дел – цевка). Ако е подесено обратно (прелабаво) постои голема можност за паѓање на корисникот и негова повреда (ова не важи за одредени софистицирани колена C-leg , 3R80 , или Genium ). Поради тоа многу е важно коленото да е подесено точно како што пропишува производителот. Во овој процес ни помага L.A.S.A.R.  системот.

 

Стопала

Современите стопала кои се вградуваат во протези кај пациенти со висок степен на активност (МОБИС 3+4)  нудат на корисникот сличен од како кај  луѓе без ампутација со сличен ритам и должина на чекор.

 

Лежишта на протеза

Лежиштето на протезата е дел од протезата кој овозможува поставување (прикачување ) на протезата на чкунката. Обликот и материјалите од кои се изработува лежиштето се подложни на постојан развој и подобрувања. Модерното лежиште помага  протезата да функционира како срасната со телото.  Контактот со чкунката е потполен и ги прати нејзините  контури. Опфаќањето  на коскените структури над  коленото го  обезбедува задржувањето на лежиштето на чкунката ( ретенцијата), а дополнително ретенцијата може да се засили  со вакуумски системи.

Модерната протеза овозможува брзо движење, прилагодување на нерамнини како и совладување на препреки, а лежиштето овозможува контрола на движењета истовремено обезбедувајќи удобност за корисникот.

Се разбира дека кај секој корисник кај кого е можно , тежнееме кон изработка и апликација  на  протези со најновите видови  лежишта (ИЦ лежиште), затоа што сметаме дека  новите сознанија во ортопедската техника и примената на новите материјали од кои се изработува лежиштето  нудат удобност, сигурност и  подобри перформанси на протезата.

ИЦ лежиште ( Ischial containment ) е лежиште со целосен контакт со чкунката, има надолжно овален облик  и ја опфаќа и седишната коска.

Со цел подобрување на контактот и прилепување на протезата за чкунката а како краен резултат зголемување на сигурноста на корисникот  се изведуваат лежишта со разни технолошки решенија и додатоци кои надградуваат или вградуваат во лежиштата. Исто така постојат низа продукти кои ви го подобруваат функционирањето со протезата а се однесуваат на чкунката и лежиштето.

Согласно определбата на Славеј АД Скопје за постојана едукација , следење на новите технологии и континуиран развој во Славеј продолжуваме со  развој на компанијата и примена на нови технологии во областа на производство на ортопедски помагала.
Нашите техничари ја завршија  обуката за компјутерска изработка на лежишта за протези на CNC машина. Софтверот кој го користиме е развиен од Otto Bock Германија за потребите на компанијата и креиран е за CAD-CAM изработка на лежишта за потколени и натколени протези.
Како резултат на одличната  долгогодишна соработка на Славеј и Otto Bock Adria, софтверот стана дел од алатките кои Славеј веќе почна да ги користи. Бенефитот за корисниците на протези ќе биде повеќекратен.

 

 Линери Нова  SKINGUARD® технологија

Линери се навлаки за чкунка изработени од мек и еластичен материјал ( силикон /силикон гел/полиуретан/кополимер) . Го зголемуваат чувството на сигурност со спречување на извлекување  на протезата, а истовремено ја зголемува удобноста при носење на истата. Ви нудиме неколку врсти на изведба на протеза со линери. Главно се делат на линери со пин и линери на вакуум.

Изборот на линер се разбира треба да се направи во соработка со протетичарите кои ви ја изработуваат протезата.

Повеќе на: http://www.ottobock.hr/protetika/proizvodi-od-a-do-z/proizvodi-od-a-do-z-proteticka-lezista.html

Постојат многу технички  решенија , изведби и материјали кои техничарот може да ги примени при изведбата на протезата со цел подобрување на функционалноста и сигурноста кај корисникот. Некои од нив се :

  • Harmony vacuum system,
  • Magnoflex бравичка со флексибилен пин
  • Polytol материјал за лежишта
  • Proseal лежиште
  • Разни изведби на вакуум системи итн.

Околу ова повеќе на : http://www.ottobock.hr/ortopedska-pomagala/protetika/lezista

 

Привремена (иммедијантна) протеза

Поставувањето на протезата е важен дел од рехабилитацијата после ампутацијата. Првичната протеза е посебно важна поради тоа што чкунката во неа го менува првобитниот облик,  се формира до конечни димензии  и овозможува премин на друг вид на протеза (лежиште). Веќе после неколкудневно носење на протезата чкунката атрофира и лежиштето станува големо. Со привремената  протеза сакаме да го премостиме времето на рехабилитација од прилагодувањето на чкунката до одлуката за видот и моментот на изработка на дефинитивната протеза.

Со пробното лежиште можеме објективно да пресудиме дали корисникот на протеза одговара на проценката која сме ја направиле при носење на одлуката за видот на лежиште и протеза  која ќе ја изработуваме.

 

Зглобови за колк

Поставување на протеза за колк е една од најсложените протетички задачи. Сепак модуларниот систем значително ja олеснија оваа задача.Протетички компоненти за колк се нудат од степен на активност МОБИС  1 до 3. Најчесто користен зглоб е едноосовинскиот зглоб за колк 7Е7.

Модуларниот зглоб за колк 7Е7 е дизајниран за вградување кај пациенти со дезартикулација на колк и кај хемипелвектомии. Моноцентричен зглоб кој е класифициран во МОБИС 2 +3  степен на мобилност. Абдукција/аддукција, флексија/екстензија и ротацијата е подеслива. Максимална тежина на пациентот мах 100 кг.

 

 

Козметика и суспензија на протеза

Корисникот од протезата очекува да добие  функционална замена за изгубената нога , но во исто така  да биде и естетски прифатлива. Со цел што посличен изглед на протезата со здравата нога или поприроден изглед на двете протези кај обострана ампутација, користиме пресвлеки од пенасти материјали , естетски чорапи за завршно обликување на протезата.

 

 

 

Адаптери и приклучоци на протезата

Адаптерите и приклучоците на протезата се структурни делови на протезата. Служат за постигнување на бараната висина на протезата, и за индивидуално подесување на статиката на протезата. Постојат и функционални адаптери кои ги намалуваат  напрегањата при свртување на телото или при нагазување на протезата со што ги штедат Вашите зглобови и чкунката.

Адаптерите за продолжување на протезата можат да се изработени од следните материјали:

  • Нерѓосувачки челик. Се одликуваат со висока цврстина и носивост , но и поголема тежина.
  • Алуминиум. Алуминиумските адаптери се најлесни но истовремено имаат најмала носивост .
  • Титаниум. Овие адаптери се нешто потешки од алуминиумските , но носивоста им е значително повисока и затоа се користат кај повисоко активни корисници.

Постојат и некои  поспецифични изведби на додатоци кои може да се вградуваат во протезата и  кои даваат удобност и хармоничен од кај корисниците. Некои од нив се :

 

Delta Twist  

Без оглед на висина на ампутацијата, кај чкунката се губат и важни мускулни групи и рецептори на екстремитетот, кои во нормални услови овозможуваат хармоничен од. Delta twist пригушувачот со торзијска функција во одредена мерка го надоместува овој губиток.

Неговата функција на пригушување при удар, нагазување или скокање, како и торзиската функција даваат сигурност, мобилност и удобност. Движењето и  чкунката се порастеретени. Пригушувањето и торзионата функција се подесуваат независно  една од друга.

 

Ротациски адаптер

Со вградување на ротациски адаптер над коленскиот зглоб, свитканата потколеница може да се ротира во однос на лежиштето према надвор и према внатре. На корисниците на натколени протези  тоа им дава сигурност и удобност. Заради ова својство на адаптерот протезата може да се префрла преку здравата нога и облекувањето на чорапи или чевли станува лесно и достапно.Седењето е поудобно, особено важно при возење автомобил, затоа што протезата со ротација се трга настрана од педалите и се намалува можноста од нејзино сплетување во педалите.

 

Торзиски адаптер

Го ублажува напрегањето кај завртување на телото. Погодностите од торзискиот адаптер ќе се почувствуваат без обзир на нивото на ампутацијата.Овој адаптер е особено важен кога корисникотсе наоѓа  на мал простор на работа или во кујна,  каде вртењето околу  сопствената оска без менување на позицијата на ногата е честа.

Овој адаптер ја штити чкунката од сили на триење кои доведуваат до болно затегање на меките ткива внатре во лежиштето.

08/08/2017 Протетика